Со програма подготвена од учениците и обраќања на првите луѓе на училиштето и општината, денес ООУ„Гоце Делчев“ го одбележа својот патрон празник.
Директорката на училиштето г-ѓа Емилија Котева во поздравното обраќање пред присутните колеги, наставници и ученици зборуваше за ликот и делото на великанот Гоце Делчев, чие име го носи училиштето.
„Овде сме да му оддадеме почит на еден од најголемите синови на Македонија – на визионерот, организатор и предводник на македонското национално движење. Да му оддадеме почит на херојот кој загина 04 мај во далечната 1903 година. Да се поклониме пред споменикот на великанот Гоце Делчев – патронот на нашето училиште.
Ние неговите потомци, горди на неговото дело, на неговата револуционерна но и духовна борба, на неговите заложби за цивилизациски напредок, единствен начин да му се оддолжиме е да го продолжиме неговото дело, отака како што тој ги поставил основите, како дијалог и натпревар на мисли и идеи кои водат кон напредок и подобро утре. Ова е единствениот исправен начин да се одржи чекор со времето, а притоа да не се загрозат цивилизациските придобивки на сопствената земја и на светот воопшто“, рече во своето обраќање градоначалникот на општината г-дин Ванчо Стојанов.
Одбележувањето на патрониот празник беше збогатено со програма подготвена од учениците.
Најдобрите ученици добија дипломи за постигнатите резултати, а благодарници за успешната соработка со училиштето и поддршката во реализацијата на неговите проекти добија и партнерите на училиштето.