Со полагање свежо цвеќе и пригодна свечена програма, ООУ „Гоце Делчев“, Василево го одбележа својот празник.
Пред бистата се поклонија делегации од училиштето и општината, а свои обраќања за имаа директорот на училиштето Дејан Стојанов и градоначалникот на општина Василево, Славе Андонов.
„Секој народ во својата историја има некој великан. Нашиот е токму Гоце Делчев, нашиот патрон на кој токму денес му оддаваме почит“, нагласи директорот Стојанов на денешното чествување на ликот и делото на Делчев.
На присутните им се обрати и градоначалникот Андонов: „Овде сме да му оддадеме почит на еден од најголемите синови на Македонија – на визионерот, организатор и предводник на македонското национално движење; да му оддадеме почит на херојот кој загина на 04 мај во далечната 1903 година. Да се поклониме пред споменикот на великанот Гоце Делчев – патронот на ова наше училиште“, рече Андонов и притоа упати порака да се следи неговиот пат: „Да го продолжиме неговото дело, така како што тој ги поставил основите, како дијалог и натпревар на мисли и идеи кои водат кон развој и подобро утре. Ова е единствениот исправен начин да се одржи чекор со времето, а притоа да не се загрозат цивилизациските придобивки на сопствената земја и на светот воопшто“.
Програмата беше збогатена со музички и литературни точки во изведба на улениците од ова училиште.