Општина Василево во соработка со ЈПКД „Турија“, Василево во текот на вчерашниот ден спроведе активности на расчистување на диви депонии во две населени места. Механизацијата на ЈПКД „Турија“ беше активна во Радичево и Пиперево, каде се расчистуваше просторот од натрупаниот комунален отпад.
„Расчистени се дивите депонии во населените места Пиперево и Радичево. Од сите нас зависи во каква општина ќе живееме. Свесноста и личната одговорност треба да ни се врвен приоритет. Да градиме одговорна заедница“, напиша на својот ФБ профил, https://www.facebook.com/vasilevo24, градоначалникот на општина Василево, Славе Андонов, укажувајќи на неопходноста од грижа за животната средина на секој поединец во заедницата.
Општина Василево во соработка со ЈПКД „Турија“, Василево, во континуитет спроведува активности на расчистување на дивите депонии кои пред се, се резултат на несовесното и неодговорно однесување на граѓаните од населените места.





