Повеќе од 120 граѓани од сите населени места на општина Василево, синоќа учествуваа на првата форумска сесија на Буџетскиот форум што општина Василево го спроведува со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) при Амбасадата на Швајцарија во Р.Македонија и Единицата за координација на форуми (ЕКФ). Поздравувајќи го форумскиот процес, градоначалникот на општина Василево г-дин Ванчо Стојанов упати благодарност до донаторот (SDC), и изрази надеж дека предлозите и идеите кои ќе бидат дадени од граѓаните ќе бидат вклопени во Програмите и реализирани во наредната 2016 година.
Преку презентацијата на Буџетскиот процес и Стратешкиот план на општина Василево, присутните се информираа за структурата и начинот на кој се изготвува буџетот, како и за плановите и приоритетите на општината за наредниот период.
Согласно своите интереси и општинските активности односно Програмите во Буџетот, присутните се групираа во осум работни маси од кои произлегоа 26 предлози за проекти, кои граѓаните сакаат да бидат во Буџетот за 2016 година.
Креирањето на Буџетот на општина Василево за 2016 година, продолжува на наредната, втора, форумска сесија која е закажана за 26.10.2015 година.





