Синоќа, во малата сала на мотелот Мис Стон, општина Василево ја одржа третата форумска сесија.
Според предложениот и усвоениот дневен ред, присутните граѓани ги проследија трите подготвени презентации за трите предлог проекти, кои остануваат во изборот за проект кој ќе биде финансиран со средства од Програмата „Зајакнување на општинските совети – фаза 2“, во чии рамки се спроведува овој проектен форум.
Трите проекти се: „Училишни дворови по мерка на сите“, „Сите ја одржуваме животната средина чиста“ и „Набавка на возило за собирање смет “. На следната, четврта форумска сесија, која ќе се одржи наредната година, на 21 јануари, граѓаните ќе одлучат кој од нив ќе биде реализиран со средства од донаторот, а останатите два како предлози од Форумот, ќе му бидат доставени на градоначалникот со препорака за нивна реализација.
Правото на глас и одлучување во врска со проектот што ќе биде реализиран, граѓаните си го обезбедуваат со присуство на најмалку три форумски сесии.
Вкупниот буџет, обезбеден од донаторот за реализација на избраниот проект е 50 000 американски долари. Овој Форум е Проектен и е во рамки на Програмата „Зајакнување на општинските совети – фаза 2“ која ја финансира Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа, а ја кофинансира и спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.





