Пуштено во употреба игралиштето во с. Чанаклија

 Денес, во населеното место Чанаклија, градоначалникот на општина Василево Славе  Андонов и министерот за спорт Борко Ристовски, со сечење лента, на свечен начин го пуштија во употреба повеќенаменското игралиште во ова населено место.
Во изјавата за медиумите градоначалникот на општина Василево Славе Андонов, ја потенцираше неговата заложба околу вложувањето во спортот и спортската инфраструктура: „На самиот почеток на мојот мандат како градоначалник на општина Василево си поставив за цел одржување на сите спортски објекти, реконструкција на оние кои се во лоша состојба и изградба на нови објекти таму каде што воопшто нема. Чанаклија немаше ниту еден спортски објект, па затоа го реализиравме ова повеќенаменско игралиште овде. Моето ветување, денес стана реалност.“ Градоначалникот Андонов се наврати и на другите активности во оваа област, односно тековната изградба на повеќенаменското игралиште во Висока Маала а ги најави и реконструкциите на кошаркарското игралиште во Владевци и  повеќенаменското игралиште во Радичево. Градоначалникот Андонов изрази надеж дека игралиштето во Чанаклија ќе биде користено не само од учениците од училиштето кое е во непосредна близина туку и од сите останати граѓани, рекреативци и љубители на спортот од ова населено место.
Министерот за спорт Борко Ристовски, заблагодарувајќи му се на градоначалникот Андонов за поканата заеднички да го пуштат во употреба игралиштето во Чанаклија, изјави дека ова е убава порака до сите градоначалници посебно оние кои гравитираат кон руралните средини, дека инвестициите во спортската инфраструктура се особено важни за да има младите каде да се дружат и да се развиваат. Министерот нагласи дека во Програмата на Министерството  посебно место зазема спортската инфраструктура како неопходна за постигнување врвни резултати.
Изградбата на игралиштето во Чанаклија е планирана со Програмата за уредување на просторот на градежното земјиште во руралните подрачја во општина Василево за 2023 година, кога  беше спроведена и постапката за јавна набавка. Согласно документацијата, асфалтната подлога изнесува 990 м2   Поставени се стативи, кошеви, рефлектори за ноќно спортување, како и клупи за седење. Заради специфичноста на теренот  од едната страна на три нивоа се поставени габиони, односно специјален камен во жичени кутии. Буџетот за целосна реализација на сите планирани активности изнесува  околу 3,5 милиони денари, средства обезбедени од Буџетот на општина Василево.

Facebooktwitterredditpinterestlinkedinmail