Вчера, на свечен начин, со сечење лента, и интонирање на државната химна, во населеното место Василево беше пуштен во употреба реконструираниот Дом на културата.
Изграден во далечната 1958 година со месен самоприденес во вид на финансиски средства и работно ангажирање на жителите од Василево, Домот бил место на многу културни, социјални, општествени и други видови масовни настани и случувања. Со сегашната целосна реконструкција се враќа неговата функционалност. Просториите и големата сала на спратот, како и салата со бина и галерија на приземјето се целосно подготвени за да одговорат на современиот начин на живеење на граѓаните од Василево.
Свое обраќање на свечениот настан имаше градоначалникот на општина Василево Славе Андонов.
„Овој Дом на културата пред се е доказ за континуитет во културниот развој и традиција во негувањето на се она што значи наше духовно постоење и творење низ годините наназад. Ова било местото во кое се случувале сите побитни и помасовни настани од сите области на општественото живеење. Генерации и генерации наши сограѓани овде уживале во фолклорот, орото и песната на разни културни уметнички друштва. Кино претставите биле редовни настани кои го собирале целото село на едно место“, рече Андонов, кој се осврна и на процесот на реконструкцијата:
„ Вредно за потсетување е дека од фаза на речиси целосна руинираност и нефункционалност на објектот, до Денешниот, реконструиран, модерен и функционален објект, подготвен да ги отвори вратите за идните корисници, патот беше прилично долг и со многу предизвици.
Со добра координација, планирање и искрен пристап, работите успешно финализираа.
Ако накратко се потсетиме на сите фази, тоа беше процес кој опфаќаше рушење и демонтажа на постојната покривна конструкција, плафони, преградни ѕидови, бина и столарија и изградба, набавка и монтажа на комплетно нови елементи и конструкции кои резултираат со овој целосно нов, модерен, функционален објект“.
„Со пуштањето во употреба на реконструираниот Дом на културата, ние го почитуваме не само нашето минато, туку и нашата иднина, нашето наследство на кое му дадовме нова димензија и го ставаме во функција на следните генерации.
Овој Дом на културата нека биде центар во кој ќе се испреплетуваат креативноста и творечкиот дух со универзалните хумани вредности. Нека биде место на безброј убави настани и случувања, место на спомени на идните генерации“, порача на крајот од своето обраќање градоначалникот Андонов.
Со своите настапи настанот го збогатија хорот при ООУ „Гоце Делчев“, Василево и КУД „Сушевски бисери“ од Сушево со сплет на ора и игри.
За реализација на овој капитален проект сите овие активности, вкупниот Буџет изнесува околу 14 000 000 денари од кои 10 000 000 денари се обезбедени од Бирото за регионален развој а остатокот со Одлука на Советот на општина Василево од општинската каса.





