Советот на општина Василево ги донесе Програмите за работа на општината за наредната година

Во петокот, 28.11.2025 година, Советот на општина Василево ја одржа 3-та седница на чиј дневен ред главно беа Програмите за работа на општина Василево за наредната 2026 и Кварталниот извештај за извршување на општинскиот Буџет за третиот квартал односно за периодот 01.01.2025 до 30.09. 2025 година. При гласањето, Советниците имаа усогласени ставови и сите одлуки беа донесени едногласни. По образложенијата дадени од градоначалникот на општина Василево Славе Андонов, главно во делот на дообјаснување и прецизирање на одредени планирани активности, Програмите беа усвоени во нивната предлог-верзија.
Во делот на програмата за комунални дејности и подобрувањето на услугите од таа сфера, најавено беше брзото ставање во функција на нов камион за собирање на отпад со што капацитетот на ЈПКД „Турија“ од Василево значително ќе се подобри.
Кај Програмата за Поставување на вертикална и хоризонтална сообраќајна сигнализација градоначалникот информираше за остварените комуникации и напорите со институциите во чија надлежност е оваа проблематика, за поставување на сообраќајни знаци и „лежечки полицајци“, онаму каде што има идентификувани потреби.
Во делот на детските градинки, најавено беше брзото ставање во функција на новата детска градинка во населеното место Ангелци.
Едногласно беше усвоен и Кварталниот извештај за извршување на општинскиот Буџет за третиот квартал односно за периодот 01.01.2025 до 30.09. 2025 година. Според информацијата подготвена од Одделението за финансиски работи, во периодот 01.01.2025 до 31.09.2025 од планираните 257 205 295 денари во Буџетот на општина Василево (вклучувајќи ги и Буџетите на единките корисници: ООУ„ Гоце Делчев“, Василево, ООУ „Атанас Нивичански“, Нова Маала, и ЈОУДГ „Прва радост“, Василево) реализирани се 181 504 337 денари или изразено во проценти 70,57%. Слична е и реализацијата кај основниот Буџет на Општината, каде од планираните 112 813 000 денари реализирани се 84 668 502 денари или во проценти, 75,05%.Според образложението дадено од градоначалникот Андонов, во периодот што претстои се очекува овој процент да се зголеми. Во делот на приходите Андонов ја нагласи реализацијата од 107% кај  данокот на имот,   која како што рече е една од најдобрите реализации споредено со останатите општини во државата.
Советниците донесое и одлука за измена на висината на даночната стапка кај данокот на имот на физички лица, односно зголемување од постојните 0.10% на 0.15% .
Донесени беа и две одлуки за пренесување на право на трајно користење на основни средства на ООУ „Атанас Нивичански“, Нова Маала, односно еден клима уред и 45 училишни столчиња.
Позитивен одговор со соодветни суми добија и  барањата за финансиска помош и спонзорства поднесени од физички и правни лица.

Facebooktwitterredditpinterestlinkedinmail