Советот на општина Василево, денес, ја одржа редовната 22-ра Седница, која започна со едноминутно молчење во знак на почит кон ненадејно починатиот колега – претседателот на советот г-дин Илчо Колев. Согласно законската регулатива, како што образложи претставникот од општинската администрација, г-дин Славе Андонов, заради настанатата ситуација односно смртта на претседателот Колев, со седницата претседаваше најстариот член во Советот, господинот Душко Атанасов.
Со осум гласови „за“ и четири воздржани, без дискусиии и забелешки советниците ги усвоија: Предлог-програма за комунални дејности на подрачјето на општина Василево за 2015 година, Кварталниот извештај за извршувањето на Буџетот за 2014 година за периодот од 01.01.2014 до 31.12.2014 год. (К-1), Кварталниот извештај за доспеани а неизмирени обврски на општина Василево за периодот од 01.01.2014 до 31.12.2014 год. (К-2), и Кварталниот извештај за промените на состојбата на задолжувањето на општина Василево за периодот од 01.01.2014 до 31.12.2014 год. (К-3), како и Предлог-одлуката за измена и дополнување на одлуката за извршување на Буџетот на општина Василево, кој беше прифатен како дополнителен предлог на денешниот дневен ред.
Советниците од двете советнички групи беа со усогласени ставови и едногласно ги усвоија следниве предлози: Одлука по барање за финансиска помош поднесено од граѓанин од с. Ангелци, Извештајот за реализацијата на Програмата за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локалните патишта и улици во општина Василево за 2014 година, Годишната програма за обука на државните службеници и Предлог-одлуката за утврдување на почетокот и завршетокот на работното време во ЈОУГД „Прва радост“, општина Василево, за што е утврдено почетокот да биде во 06,00 часот наутро а завршетокот во 17,00 часот.





