Советот на општина Василево ја одржа 40-та Седница

Советот на општина Василево ја одржа 40-та седница чиј дневен ред на предлог на Претседателот на Советот Ристе Делијанов беше дополнет со шест нови предлози.

Констатирање на оставка на членот на Советот на општина Василево Драгица Глигорова, Предлог-правилник за субвенционирање на млади лица од општина Василево за посетувањље на обуки за теоретски и практичен дел за полагање на возачка дозвола Б-категорија, Предлог-правилник за еднократна парична помош за прваче запишано во основно училиште на територијата на општина Василево за учебната 2024/2025 година, Предлог-одлука за поддршка на проектот „Интеграција на креативен, дигитален, зелен и еко туризам за одржлив развој на териториите на општините Кресна, Струмјани и Василево“, Барање финансиски средства од ФК Академија Христов за тековни активности и Барање финансиски средства од Срие Акимовски од Василево за лекување,  беа точките со кои беше дополнет дневниот ред.

Сите тринаесет предлози го добија потребното мнозинство.

Со осум гласови „за“ усвоени беа: Годишниот план за вработување на ООУ„Гоце Делчев“, Василево за 2025 година, Предлог-програмата за измена и дополнување на Програмата за изработка на урбанистички планови во општина Василево за 2024 година. Со истото мнозинство беа разрешени и членовите на УО на ЈОУДГ „Прва радост“, Василево и на нивно место именувани нови. Разрешени беа: Љубица Делева, Виолета Малинова, Ване Цветков и Александра Николова а новоименувани се: Антоника Иванов, Билјана Лазарова, Ангелина Горѓиева и Сања Стојанова – Велкова. Со 11 гласови „за“ усвоени се: Предлог-одлуката  за отпис и расходување на основни средства и ситен инвентар сопственост на општина Василево за 2023 година,  Одлуката по барањето за финансиски средства поднесено од Атанас Чакров од Пиперево; Одлуката  по барањето за финансиски средства поднесено од Здружение на граѓани „Илинден“- Радово како и  Одлука по барање за времено користење на игралиштето во с. Василево со која на новоформираниот клуб Фудбалска академија Христов, на бесплатно користење за период од 2024 до 2028 година, му е отстапено фудбалското игралиште во Василево. Академија Христов, за тој период има обврска да ги покрива трошоците за одржување на теренот и просториите кои се во состав на игралиштето.

На оваа седница донесени беа и два Правилници и тоа Правилник за еднократна парична помош за прваче запишано во основно училиште на територијата на општина Василево за учебната 2024/2025 година, согласно кој исто како и минатата година, за сите првачиња кои настава ќе посетуваат во училиштата на општина Василево, општината ќе обезбеди финансиска помош во висина од 2 500 денари.

Вториот Правилник – Правилник за субвенционирање на млади лица од општина Василево за посетување на обуки за теоретски и практичен дел за полагање на возачка дозвола Б-категорија, за прв пат беше предложен и усвоен како нов проект на општината со кој за лицата од општина Василево кои до 31.12.2024 година ќе наполнат 18 години и притоа ќе уплатат за полагање возачки испит за „Б“ категорија, општината ќе ги субвенционира финансиски средства  во висина од половина од уплатените. Во врска со двата Правилници, дополнително во периодот што следува од страна на општината ќе бидат распишани јавни повици во кои ќе бидат прецизирани  условите и критериумите.

 

 

Советниците едногласно ја усвоија и Одлуката за поддршка на проектот „Интеграција на креативен, дигитален, зелен и еко туризам за одржлив развој на териториите на општините Кресна, Струмјани и Василево, за која како што кажа во образложението градоначалникот на општина Василево Славе Андонов, се работи за веќе добиен проект од Прекугранична соработка со Р.Бугарија во чии рамки ќе биде целосно реконструиран Домот на културата во с. Градошорци. „Домот ќе биде по сите стандарди, со музеј за Мис Стон, со бина, со озвучување, нова фасада, и хортикултурно уредување. Донесувањето на оваа одлука е дел од неопходните процедури“, појасни градоначалникот Андонов.

Позитивен одговор од Советот добија и Барањата за финансиски средства поднесени од правни и физички лица.

На оваа седница беше констатирана и оставката од Драгица Глигорова, член во Советот на општина Василево од редовите на ВМРО -ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“.

 

Facebooktwitterredditpinterestlinkedinmail