Вчера, во просториите на општина Василево, на иницијатива на градоначалникот на општина Василево г-дин Ванчо Стојанов членовите на Кризниот штаб на општина Василево засилени со пратениците Васил Пишев и Ромео Тренов како заменик министерот за економија Христијан Делевски и Ѓорѓи Костуранов – претставник од Водостопанство на РМ – подрачна единица Струмица, одржаа состанок во врска со состојбата предизвикана од невремето кое деновиве го зафати поширокиот регион. Состојбата со промените на речното корито, настаната како последица од обилните врнежи ја презентира градоначалоникот на општина Василево, посебно задржувајќи се на критичните места каде што река Струмица се излева, ги поплавува земјоделските површини и постои опасност од поплаување на некои населени места. Како критични точки градоначалникот ги посочи: течението на реката Струмица кај населените места Сушево и Владиевци, оштетениот речен насип под Добрашински мост и мостот кај с. Пиперево. Претставникот од подрачната единица на Водостопанство ја презентира состојбата со брана Турија која од нивна страна постојано се следи. На состанокот е заклучено, поради тоа што општина Василево нема капацитет самата да се справи со последиците од невремето, помош да побара од Дирекијата за заштита и спасување, кое нешто веднаш е направено.





