Со свечена академија одбележан Денот на општина Василево

Вчера, во Домот на културата во Василево, со свечена академија беше одбележан 16 Декември – Денот на општина Василево.
Свое обраќање имаше градоначалникот на општина Василево Славе Андонов. Упатувајќи честитки по повод празникот и 29-годишнината од нејзиното основање, се осврна на битните сегменти  од нејзиниот развој, значењето на заедницата и поединецот во креирањето и планирањето на идните планови и проекти и визијата за модерна, средена, урбана општина Василево како посакувано место за живеење на нејзините млади поколенија.
„Денес стојам пред вас со голема чест, но и со длабока емоција. Денес не славиме само еден датум — денес ја славиме нашата општина, нашиот дом, нашата заедничка приказна. Денес одбележуваме 29 години постоење на општина Василево — 29 години исполнети со труд, надеж, верба и љубов.
Василево не е само место на карта. Василево се луѓето. Луѓето кои тука се родиле, кои тука ги растат своите деца, кои тука ја градат својата иднина. Луѓето кои, и во најтешките времиња, знаеле да застанат едни покрај други и да продолжат напред. Токму затоа овој ден е празник на секој наш сограѓанин. Денес, кога ја славиме општина Василево, ја славиме нашата заедничка сила. Силата на луѓето кои не се откажуваат. Силата на заедништвото. Со иста верба, со иста љубов и со истата посветеност ќе продолжиме и во годините што доаѓаат“, рече меѓу другото градоначалникот на општина Василево Славе Андонов, во обраќањето пред присутните со порака да е вечна, силна и успешна општина Василево.   „Нека ни е честит Денот на општина Василево.Нека ни е вечна, силна и успешна“, порача Андонов.
Свое обраќање имаше и претседателот на Советот на општинан Василево, Миле Митевски, кој честитајќи го Денот на општина Василево, најави континуитет во развојот  преку носење мудри одлуки со цел  општина Василево да биде  убаво место за живеење за сите нејзини граѓани.
Богатата културно уметничка програма вклучуваше музички изведби на училишните хорови и оркестар, читање и рецитации на наградените прозни  и поетски текстови од страна на учениците кои беа наградени по повод објавениот конкурс на ООУ „Гоце Делчев“, Василево на тема „Мојата општина е мој дом“, како и фолклорен настап на КУД Бежанци’“ од Нова Маала.
На свеченоста беа доделени благодарници и признанија за најуспешните наставници од двете основни општински училишта „Гоце Делчев“, Василево и „Атанас Нивичански“ Нова Маала, како и на поединци и институции кои со своите активности придонеле за развојот и промоцијата на општина Василево.
Награди и признанија добија и учениците чии творби,  на конкурсот распишан од ООУ „Гоце Делчев“, Василево за Денот на општина Василево,   беа прогласени за најдобри.
Општина Василево  додели  и јубилејни награди за вработените;   за нивното повеќегодишно работење и придонес во работењето и спроведувањето на надлежностите на општина Василево.

 

 

 

Facebooktwitterredditpinterestlinkedinmail