Со средства обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделието и руралниот развој (АФПЗРР), во рамки на Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2022 година, општина Василево го тампонира полскиот пат во село Василево, познат како Широк пат кој води кон плодното Василевско поле.
На лице место беше градоначалникот на општина Василево Славе Андонов, кој задоволен од текот и квалитетот на активностите потенцира дека инвестициите во земјоделската инфраструктура се особено важни за општина Василево, бидејќи како и во сите други стопански дејности и во земјоделието добрата инфраструктура е битен предуслов за негов развој а квалитетниот пристап до земјоделското земјиште ќе биде фактор плус за негова обработка и максимално искористување, бидејќи храна може да се произведува единствено таму – на земјоделските земјишта.
Патот што се тампонира е со должина од 390 метри, ширина од 4,5 метри и дебелина на тампонот од 25 см. Вкупниот буџет за оваа активност, одобрен од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделието и руралниот развој, преку мерката Инвестиции во инфраструктура за пристап до земјоделско земјиште изнесува 594 123 денари.





