Градоначалникот на општина Василево, Славе Андонов, оствари средба со членовите на Доброволното противпожарно друштво „Кристал Турија“ од Василево, кои во текот на вчерашниот ден реализираа обука на терен заради подобрување на нивнта подготвеност за евентуални интервенции на терен.
Изразувајќи надеж во општина Василево да нема потреба од користењето на услугите на ова Друштво, градоначалникот Андонов преку својот ФБ профил, https://www.facebook.com/vasilevo24, споделувајќи моменти од средбата, го сподели задоволството од постоењето на „Турија Кристал“ и неговата улога во случаите на справување со пожар.
„Доброволното противпожарно друштво „Кристал Турија“ – Василево е нашата гордост! Денес остварив средба со членовите на ова друштво, кои успешно ги поминаа сите потребни обуки. Василево по првпат има свое доброволно противпожарно друштво – голем чекор напред за безбедноста на нашите сограѓани. Посебно сум горд што „Кристал Турија“ веќе зад себе има неколку успешно реализирани интервенции. Сите ние многу добро ја знаеме потребата од овие возила. Неретко во нашата општина се случуваат пожари, скоро да нема лето без пожари. Искрено се надевам дека многу ретко ќе ги користиме активностите и опремата на друштвото. Продолжуваме заедно да градиме побезбедна и посилна општина Василево“, стои во објавата на Градоначалникот.
Доброволното противпожарно друштво “Кристал Турија“ е формирано пред околу половина година, како резултат на ентузијазмот на Бранко Ефтимов – стопанственик со стопански капацитети во индустриската зона на општина Василево и одличната соработка и партнерскиот однос со општина Василево. Друштвото располага со неколку специјални возила кои во изминатиот период имаа неколку успешни интервенции, а персоналниот состав е на база на пожарникари-доброволци, обучени да интервенираат во случај на потреба.



