Средба со граѓаните на Нова Маала за Буџетот за 2026 година

Синоќа, градоначалникот на општина Василево Славе Андонов, заедно со своите соработници и дел од членовите во општинскиот Совет,  по повод подготовката на Буџетот за 2026 година, во населеното место Нова Маала, оствари средба со тамошните жители. Во непосредна комуникација идентификувани се најургентните потреби кои според жителите на ова населено место би требало да имаат приоритет во наредната година и за истите да бидат обезбедени финансиски средства во рамки на Буџетот за 2026 година.
„Средбата со жителите од Нова Маала покажа дека нашиот глас допира до секого. Граѓаните во голем број присуствуваа на средбата, подготвени да нè слушнат и да ги споделат своите предлози. Нова Маала знае дека си стоиме до дадениот збор! Секој проект што го ветивме, чекор по чекор го реализираме. Продолжуваме одговорно, посветено и со јасна цел – да создадеме подобри услови за секое семејство и секој жител. Заедно со граѓаните разговаравме, ги слушнавме нивните идеи и предлози, а ние понудивме решенија за дел од нивните проблеми“, стои во ФБ објавата на градоначалникот на општина Василево Славе Андонов, https://www.facebook.com/vasilevo24, каде преку фотографии пренесува дел од атмосферата на средбата. Во објавата градоначалникот Андонов споделува кои се следните проекти кои ќе бидат реализирани.
„Што следува? Асфалтирање на патот до гробиштата; Асфалтирање на повеќе локални улици; Инвестирање во подобрувањето на условите во училиштето ООУ Атанас Нивичански“. Граѓанските средби низ населените места за планирање на Буџетот за 2026 година продолжуваат и во наредниот период. Следни се во Радичево на 01.12.2025 и Пиперево на 03.12.2025.
„Создаваме буџет заедно! Го слушаме гласот на народот.Транспарентно, одговорно и посветено за секој жител на општина Василево“, порачува Андонов.

 

Facebooktwitterredditpinterestlinkedinmail