„Среќен почеток и успешна училишна година. Драги првачиња, денес сум овде за Вас. Од мое име и од име на општина Василево, Ве поздравувам, Ви посакувам добредојде во училиштето кое од денес ги отвара вратите за Вас како во ваш втор дом во кој секојдневно ќе поминувате време со вашите другарчиња и наставници кои ќе ве воведуваат во светот на знаењето.
Ви посакувам со радост да доаѓате, да се дружите со другарчињата и секојдневно со нови знаења да се збогатувате“, им посака градоначалникот на општинна Василево Славе Андонов на првачињата во општина Василево, кои денес за прв пат како ученици го пречекорија училишниот праг. За поубав почеток Општината за сите првачиња подготви бесплатен училишен прибор.
Добредојде и желби за здравје, знаење и успеси им упатија и директорите на двете основни општински училишта Дејан Стојанов од ООУ „Гоце Делчев“ и Соња Ничева од ООУ „Атанас Нивичански“. Повозрасните другарчиња пак им посакаа добредојде со специјално за нив подготвена програма.
Сшоред информација од училиштата, вкупниот број на запишани ученици во прво одделение на ниво на општина е 99 од кои 60 во ООУ „Гоце Делчев“ и 39 во ООУ„Атанас Нивичански“, но и од двете училишта нагласуваат дека согласно искуството од претходните години, очекуваат оваа бројка да претрпе корекции одреден број дечиња ќе бидат запишани деновиве, по што ќе се знае и конечната бројка.





