Точно два месеци ја делат општина Василево од одржувањето на манифестацијата Ден на празот, која годинава, наместо вториот викенд од месец ноември, ќе се одржи на 1-ви ноември.
Манифестацијата која започна како обид за промоција празот како градинарска култура и селото Градошорци како место во кое секое домаќинство произведува висококвалитетен праз, со текот на годините прерасна во препознатлив бренд со кој општина Василево се промовира не само во државата туку и во соседството, а Градошорскиот праз стана синоним за квалитетен градинарски производ од еколошки чисто поднебје.
Овие епитети, организаторот на манифестацијата, општина Василево, ќе ги потврди и годинава, на осмата по ред манифестација, Ден на празот, на која сите посетители имаат единствена можност да вкусат специјалитети подготвени со највкусниот, најквалитетниот и по својата ровкост познат Градошорски праз.





