Денес, Советот на општина Василево ја одржа редовната 47-ма седница, на чиј дневен ред по дополнувањето беа вкупно 19 предлози и истите беа усвоени.
Првите четири точки од дневниот ред се однесуваа на обезбедување средства односно поднесување апликации до соодветни институции и програми за обезбедување средства за нивна реализација. Советот даде согласност да се поднесе апликација за кофинансирање на Основен проект за партерно уредување на ООУ „Гоце Делчев“ во с. Ангелци, за кофинансирање на основен проект за изработка на инвестиционо техничка документација за изградба на отворен канал на потегот од с. Владевци до с. Сушево, за изградба на пат во населено место Старо Владевци и за реконструкција на улица во населеното место Пиперево. Градоначалникот на општина Василево Славе Андонов, појасни дека за проектите за изградба на улица во Пиперево и пат во Старо Владевци, средствата ќе се обезбедат од Бирото за регионален развој преку Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, од Програмата за рамномерен регионален развој за 2025 година.
Без дискусија и забелешки, потребното мнозинство го добија и предлозите кои се однесуваат на работењето на ПКД „Турија“, Василево односно: Давање согласност на Управниот одбор на ЈПКД „Турија“, Василево за Одлуката за измена на Одлуката за утврдување на цената на комуналните услуги на ЈПКД „Турија“, Василево бр. 02-287/1 од 15.09.2022 година; Давање согласност на Управниот одбор на ЈПКД „Турија“, Василево за Извештајот за работа и годишната сметка на ЈП „Турија“ Василево за 2024 година и Биланс на состојба, Давање согласност на Одлуката на Управниот одбор на ЈПКД „Турија“, Василево за Одлуката за усвојување на годишната сметка на ЈП „Турија“, Василево за 2024 година и Давање согласност на Управниот одбор на ЈПКД „Турија“, Василево за Одлуката за покривање на загубата по годишната сметка на ЈП „Турија“, Василево за 2024 година.
Без дискусија, едногласно беше усвоен и Извештајот за реализација на Програмата за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локалните патишта и улици во општина Василево за 2024 година.
Без дискусија и забелешки усвоени беа и Завршната сметка на Буџетот на општина Василево за 2024 година, Годишниот извештај на општина Василево за 2024 година, Предлог-одлуката за ко-финансирање на фекален канализационен систем за с. Василево, К26 (од 0+00 км до 0+321 км), Акциониот план за ставање под контрола на вектор-преносливите заболувања со примена на превентивни мерки во општина Василево, 2025 година, кои како дополнителни точки беа ставени на дневниот ред на денешната седница.
Членовите на Советот позитивно се изјаснија и по барањата за финансиски средства од физички и правни лица меѓу кои ОК „Сушево“ од Сушево, ЛД „Фазан“ од Василево, ФК „Христов“ од Василево, од црковниот одбор на црквата Св. Спас од с. Дукатино, Меѓуопштинско здружение на цивилните инвалиди од војната“, Штип и за организаирање на турнир по повод празникот Рамазан Бајрам.





