Вчера, во населеното место Ангелци, во ПУ„Гоце Делчев“, на свечен начин се отвори библиотека донирана од Турската Меѓународна Братска Хуманитарна организација (ТМБХ).
Комплетно опремен простор со инвентар, клупи, столици, полици и книги. Книгите се на турски јазик и примарната намена им е за учениците од турска националност кои во ова училиште посетуваат настава од прво до пето одделение.
Градоначалникот на општина Василево, Славе Андонов, споделувајќи ја информацијата преку својот ФБ профил меѓу другото изрази и благодарност до донаторите: „Изразувам благодарност до донаторите од Р.Турција и до претседателот на ТМБХ, Erdoğan Saraç. Подрачното училиште ,, Гоце Делчев ” , во Ангелци доби нова библиотека. Библиотеката е целосно опремена со нови маси, столови, книги и полици за книги. Задоволството е уште поголемо затоа што донацијата е наменета за најмладите, за нивното образование. А младоста и образованието се иднината на секоја заедница“.
Во ПУ„Гоце Делчев“, Ангелци, наставата се одвива двојазично, на македонски и турски мајчин јазик за припадниците на турската заедница. Од прво до петто одделение во ова училиште настава на турски јазик посетуваат 95 ученици.





