Денес, Советот на општина Василево ја одржа втората седница чиј дневен по дополнувањето имаше вкупно 24 предлози меѓу кои и Предлозите за формирање Комисии во кои советниците ќе разгледуваат и утврдуваат прашања и предлози од областите кои се во надлежност на локалната самоуправа.
Формирани беа следните Комисии: Комисија за финансирање, буџет и локален економски развој,
Комисија за урбанизам, комунални дејности, заштита на животната средина и природата, Комисија за општествени дејности, Комисија за земјоделие и заштита на животните и растенијата, Комисија за статут и прописи, Комисија за јавна безбедност, безбедност на сообраќајот и противпожарна заштита, Комисија за еднакви можности и Привремена Комисија за изработка на Предлог-програма за работа на Советот на општина Василево за 2026 година..
На седницата беше усвоена одлука со која членовите на Советот и Градоначалникот се овластуваат во текот на нивниот мандатен период да учествуваат во постапката при склучување на бракови во општина Василево.
Советничката Александра Николова беше избрана за лице кое ќе учествува во процесот на одлучување за прашања на конфликт на интереси на Градоначалникот на општина Василево.
Во делот на образованието советниците дадоа согласност за формирање на паралелки под законски минимум за учебната 2025/26 година во ООУ „Атанас Нивичански“, Нова Маала а усвоени беа и Извештаите за работа за учебната 2024/2025 година на двете основни општински училишта „Гоце Делчев“, Василево и „Атанас Нивичански“, Нова Маала. Усвоен беше и Извештајот за работа за третото тромесечие, односно периодот од 01.01.2025 до 30.09.2025 година на ЈПКД „Турија“, Василево.
На дневен ред на денешната седница беа и два предлози за измена и дополнување на Програмата за изработка на урбанистички планови во општина Василево за 2025 година,
Програмата за уредување на просторот на градежно земјиште во руралните подрачја во општина Василево за 2025 година и Предлог-програма за измена и дополнување на Програмата за локален економски развој на подрачјето на општина Василево за 2025 година.Трите предлози го добија потребното мнозинство. Усвоена беше и Предлог-програма за одржување на локални патишта и улици во општина Василево за 2025/2026 година во зимски услови.
Како дополнителна точка на дневниот ред на оваа седница, усвоена беше Измената и дополнувањето на Буџетот на општина Василево за 2025 година. Според образложението дадено од раководителката на одделението за финансии, Грабриела Ефтимова, измените и дополнувањата се однесуваат на детската градинка и училиштата и се заради нивно непречено извршување на обврските до крајот на оваа календарска година.
Позитивен одговор добија и неколкуте барања за финансиска помош и поддршка поднесени од правни и физички лица, односно за сите беа донесени одлуки со кои им се одобрува одреден износ финансиски средства.