Општина Василево во текот на вчерашниот ден асфалтираше улица во с. Чанаклија, како финална фаза од нејзината изградба која започна минатата седмица. Улицатата беше планирана со Програмата за изградба, реконструкција, одржување на локални патишта и улици за 2024 година и Програмата за измена и дополнување на Програмата за изградба, реконструкција, одржување на локални патишта и улици за 2024 година.
Согласно Јавната набавка и Договорот склучен со изведувачот улицата е со должина од 435 метри и ширина од околу 3 метри, односно вкупно асфалтирана површина од 1360 м2. Буџетот за нејзина изградба согласно Договорот со градежната компанија која ги изведува работите, изнесува 2 373 223 денари и истите се обезбедени од сопствени извори на приходи на општината.
Информацијата за оваа активност преку својот ФБ профил, https://www.facebook.com/vasilevo24, ја сподели и градоначалникот на општина Василево, Славе Андонов кој лично го следеше процесот на асфалтирање.
„Конечно после долги години очекувања на граѓаните, се асфалтира оваа улица во должина од околу 400 метри. Ова е улица во Чанаклија која за прв пат добива асфалт. Во наредниот период ќе се асфалтираат улици во сите населени места во општина Василево! Граѓаните се оние кои ни ја дадоа довербата која планирам во целост да ја оправдам и да работам во нивен интерес“, порача Андонов.