Градоначалникот на општина Василево Славе Андонов, направи увид во текот на градежните активности во населеното место Сушево, каде тековно се работи на изведување на земјените работи и подготовката за асфалт на улицата и делот околу фонтаната во центарот на селото, планирани со Програмата за изградба, реконструкција, одржување на локални патишта и улици во општина Василево за 2024 година.
„Уште еден проект за доброто на граѓаните. Градежни активности на улица во Сушево. Направивме увид во градежните активности на улица во Сушево која е повеќегодишно барање на граѓаните. Оваа улица ќе добие асфалт по поставувањето на нов тампон. Ќе се асфалтира и центарот во Сушево околу фонтаната. Уште едно мое ветување станува реалност“, напиша на својот ФБ профил https://www.facebook.com/vasilevo24, градоначалникот Андонов по направениот увид во градежните активности во с. Сушево.
Според податоците во техничката документација, улицата е со должина од 105 метри, ширина од околу 3,2 метри односно вкупно асфалтирана површина од 345 м2 , за што од општинската каса се обезбедени 534 308 денари. Ќе се асфалтира и површината околу фонтаната, која согласно техничката документација изнесува 180 м2. Буџетот за оваа активност изнесува 257 111 денари и истите се обезбедени од општинската каса.