Градоначалникот на општина Василево Славе Андонов, заедно со претседателот на општинскиот Совет, Ристо Делијанов, во придружба на граѓаните на с. Висока Маала на свечен начин, со сечење црвена лента, го пуштија во употреба повеќенаменското игралиште во ова населено место. Лоцирано веднаш до училиштето на влезот од населеното место претставува функционална целина каде учениците ќе се образуваат, едуцираат и спортуваат.
„Висока Маала беше населено место без ниту еден спортски објект. Но моето ветување е веќе реалност. Висока Маала доби повеќенаменско игралиште. Многу генерации ученици од Висока Маала ќе имаат спомени од детството и училишните денови на оваа игралиште. Висока Маала доби ново квалитетно место за рекреирање“, напиша на својот ФБ профил, https://www.facebook.com/vasilevo24, градоначалникот Андонов, кој проитоа за наредниот период го најави завршувањето на реконструкцијата на повеќенаменското игралишта во Радичево и во Владиевци.
Изградбата на игралиштето опфати асфалтирање на површина од 574 м2 , односно максимално колку што дозволуваа условите на теренот, негово оградување со висока метална ограда, поставување на кошеви и стативи, како и клупи за седење. Игралиштето е осветлено со лед рефлектори.
Средствата за овој проект се во износ од 3 832 074 денари и истите се обезбедени од општинската каса.