Денес, во двете општински училишта, „Гоце Делчев“, Василево и „Атанас Нивичански“, Нова Маала на најубав можен начин, на свечен настан подготвен од другарчињата, преку песнички, рецитации и убави пораки, на најмалите ученици- првачињата им беше посакано добредојде во Светската детска организација. Вкупно 119 првачиња кои настава посетуваат во централните и подрачни училишта во општина Василево, сложно во еден глас дадоа ветување дека ќе бидат умни, вредни, посветени на училишните обврски, дека ќе ги почитуваат наставниците но и дека ќе другаруваат.
Градоначалникот на општина Василево Славе Андонов, моментите од присуството на овој свечен чин ги сподели преку својот Фб профил. „ Драги деца светот останува на вас. Вие сте нашата гордост, нашата радост. Вашите ветувања дека ќе ги почитувате наставниците, дека вредно ќе учите, дека ќе другарувате и ќе бидете умни и вредни деца се наш мотив и обврска секојдневно да ги подобруваме условите за вашиот раст и развој, да вложуваме во вашата сегашност како гаранција за подобра иднина за сите нас“.
Андонов упати и благодарност до учениците за подарокот-рачна изработка со убавата порака, „Најубавата глетка на светот е насмеаното дете, а најскапоцениот звук што може да се слушне е детската смеа“, за кој како што напиша ќе го краси неговиот кабинет и секогаш ќе го потсетува на овој прекрасен настан.