Членовите на Советот на општина Василево и вработените во општинската администрација, минатата работна седмица ја завршија со обука насочена кон зголемување на нивните вештини и знаења кои допрва ќе дадат резултати во нивната секојдневна работа.
Обуката беше организирана и спроведена во соработка на тимот на УНДП и ЗФР (Здружение на финансиски работници), во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети – фаза 2, финансиски поддржан од Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа, а ко-финансиран и спроведуван од Програмата за развој на Обединети Нации – УНДП.
Градоначалникот на општина Василево, Славе Андонов, споделувајќи ја информацијата преку својот ФБ профил, https://www.facebook.com/vasilevo24, информираше дека преку овој проект за потребите на Советот на општина Василево ќе се набави опрема за емитување во живо на седниците на Советот на општина Василево.
„Претставници од УНДП преку проектот „Зајакнување на општинските совети ” извршија обука на советниците и општинската администрација во просториите на Домот на културата во Василево. Преку проектот ќе се набави опрема за прикажување во живо на седниците на Советот на општината. Преку овој проект се обезбедува,потранспарентна Општина и зголемено граѓанско учество во носењето одлуки на локално ниво“, стои во објавата на градоначалникот Андонов.