Советнички прашања беа точка на дневен ред на редовната 28-ма седница на Советот на О.Василево, која се одржа вчера. Очекувано, прашањата беа поставувани од страна на советниците од опозиционите СДСМ и НСДП, и најголемиот број од нив беа упатени до градоначалникот на општината, г-дин Ванчо Стојанов, а се однесуваа на проектите од патната и комуналната инфраструктура.
Советниците имаа прашања и за ЈПКД „Турија“, главно за извршувањето на активностите од областа на јавната чистота и квалитетот на водата, на кои одговораше претставникот од ова јавно претпријатие, г-дин Леонардо Николов.
На прашањата за бројот на вработените и на децата кои се згрижени во детската градинка „Прва радост“ во Василево, советниците добија одговор од директорката на оваа институција, г-ѓа Даниела Трајковска.
На седницата со мнозинство од сите присутни, позитивно беше одговорено на барањето за финансиска поддршка за снимањето на филмот „Златна петорка“, во режија на Горан Тренчовски и скопската продукција „Револушн“.