Екипата на „Амор Гарден“ од Струмица, синоќа, во преполната сала на ООУ„Гоце Делчев“, Василево, совладувајќи ја екипата на „Зиго Шпед“ од Радовиш со резултат од 5:4 го освои победничкиот пехар на петиот „Новогодишно-Божиќниот турнир во мал фудбал – Василево 2014/2015“. Третото место во сениорска конкуренција го освои на екипата на „Владе Банско“, кои во малото финале ја совладаа екипата на „Агро Тим“ од Пиперево.
За најдобар играч на турнирот е прогласен Бојан Иванов од екипата на „Зиго Шпед“, титулата за најдобар стрелец ја освои Пепи Најдов од „Владе Банско“, а за најдобар голман е прогласен Илчо Удовалиев од „Амор Гарден“. Екипата на „Чипа Лозана“ ја понесе титулата „фер плеј“ екипа на турнирот.
Во кадетска конкуренција победник е екипата на „Тинејџер“ од Струмица, која во борбата за првото место ја совлада екипата на „Кланица Шонтеви“ од Ангелци, а третото место им припадна на „Книжарница Сони“ од Радовиш. За најдобар играч во оваа конкуренција прогласен е Наум Блажевски, а за најдобар стрелец, Ѓорги Јовев и двајцата од екипата на „Тинејџер“. Титулата најдобар голман кај кадетите ја понесе Леон Фенов од „Книжарница Сони.
Градоначалникот на општина Василево, г-дин Ванчо Стојанов, под чие покровителство се одржува турнирот, во изјавата за медиумите нагласи дека со овој и останатите турнири кои се одржуваат во речиси сите населени места на општина Василево, полека но сигурно општина Василево прераснува во спортска општина, додавајќи дека општина Василево и понатаму продолжува со поддршка на спортот со надеж дека еден ден од овде ќе израснат спортски легенди кои ќе ја претставуваат општина Василево па и република Македонија.
Вкупниот награден фонд на годинешниот Новогодишно-Божиќен турнир беше 200 000 денари, истиот беше во организација на ФК Василево и под покровителство на општина Василево.