Локалната самоуправа од Василево, наградувајќи ги најсреќните граѓани кои ќе успеат да го извадат светиот крст од осветените води, ќе се вклучи во одбележувањето на верскиот празник, Богојавление Водици.
Локалната самоуправа од Василево, традиционално како и секоја година, во сите населени места ќе го проследи чинот на осветување на водите и најсреќните односно оние кои ќе го фатат крстот ќе ги награди.
Истиот ден, веднаш по завршувањето на богослужбата и чинот на осветување на водите во населеното место Василево, во близина на фудбалското игралиште „Цар Самоил“ во организација на Панче Наков се организира традиционалното „Влечење трупци со коњи“. Според информацијата од организаторот Наков, дрвениот трупец што ќе го влечат коњите е со тежина од околу 800 килограми, а победник е коњот кој за одреденото време од 5 минути влечејќи го трупецот ќе помине најголемо растојание. Влечење трупци со коњ ќе се одржи пета година по ред, а според организаторот вообичаено учествуваат по дваесетина коњи од населените места во општина Василево но и од населените места од соседните општини.