Општина Василево го назначи Горан Андовов, вработен во општинската администрација, за службеник за млади, односно лице одговорно за работењето на Канцеларијата за млади, чија задача е координирање, спроведување и следење на прашања од интерес на младите во делокругот на надлежноста на локалната самоуправа.
Согласно Законот за младинско учество и младински политики, основните задачи и обврски на службеникот за млади главно се однесуваат на развивање, планирање и следење на активностите поврзани со младите и младинските политики. Целта е преку одржување на комуникација и соработка со младинските форми на здружување како и преку консултации со младите во континуитет да се следат потребите на младите, заради нивна активна вклученост во креирање на општинските политики и поддршката на работата на општината.
Службеникот за млади согласно законските обврски, а заради постигањето на целите ќе води и база на податоци за младинските активности, формите на младински здружување и неформалните младински групи, ќе комуницира со Агенцијата за млади и спорт и ќе биде контакт за сите прашања од значење и интерес на младите во општина Василево.