Советот на општина Василево донесе одлука за изработка на урбанистички проекти за фотоволтаици

nova (1)

Во општина Василево, на четири локации од кои  две во населеното место Нова Маала и по една во населените Ангелци и Добрашинци, планирана е изградба на соларни фотоволтаични електрани. За таа цел, на последната  одржана седница,  на предлог на градоначалникот, Советот на општина Василево ги усвои предложените Иницијативите за изработка на урбанистички проекти во населените места Добрашинци, Нова Маала и Ангелци, со намена површински соларни и фотоволтаични електрани.  Како што стои во предлогот доставен до Советот, целта на урбанистичкиот проект е урбанизација на планираниот опфат со дефинирање на сите архитектонско урбанистички параметри за уредување на просторот со формирање на градежни парцели  со намена Е1-13 површински соларни фотоволтаични електрани.

На дневен ред на седницата беа и  Кварталните извештаи за работата на општина Василево за периодот 01.01.2021 – 31.12.2021 година, кои по обемната дискусуија не го добија потребното мнозинство. Според информација од раководителот на одделението за финансии на општина Василево, неусвојувањето на кварталните извештаи од страна на Советот, нема да има последици врз работењето на локалната самоуправа. Епилог на дискусиите, главно со незадоволство од работење на претходниот градоначалник, е изјаснувањето како „воздржани“, на мнозинството советници.

Според информациите од материјалите доставени од одделението за финансии, извршувањето на Буџетот за 2021 година, вклучувајки го и Буџетот на единките корисници – ООУ „Гоце Делчев“ Василево и ООУ „Атанас Нивичански“ и ЈОУДГ” Прва Радост”Василево, изнесува 78,76% или изразено во номинална вредност, од планирани 182 819 921 денари, реализирани се 143 981 812  денари, додека кај основниот Буџет на општината, реализацијата е 63,92% или изразено во номинална вредност  од планирани 99 875 000 денари реализирани се  63 839 734 денари. Реализацијата кај блок дотациите е 99,88% а  кај самофинансирачките активности, 38,90%. Реализацијата кај даночните приходи изнесува 83,17 % односно од планирани 24 216 716 денари од даноци, собрани се 20 140 139 денари. Кај неданочните приходи од планирани 850 000 денари, прибрани се 784 943 или 92,35 од планираните средства по тој основ.  Реализацијата кај капиталните приходи е 22,51%, односно од планирани 16 637106  денари реализирани се  3 744 186 денари. Кај трансферите и донациите, во кои спаѓаат приходите обезбедени преку планираните проекти реализацијата е 67,34% или од планирани 58 171 178 денари обезбедени се 39 170 466 денари.

Во расходниот дел реализацијата е 63,92%, односно од планирани 99 875 000 денари реализирани се 63 839 734 денари.

Што се однесува до доспеаните а ненамирени обврски на крајот од пресметковниот период (01.01.2021 – 31.12.2021), долгот на општина Василево изнесува 90 921 782 денари.

Како измена и дополнување на Програмата за Урбанистички планови за 2022 година, советниците ја усвоија и Иницијативата за изработка на УП со намена изградба на туристичка населба на локалитетот брана Турија, с. Добрашинци. Едногласно беше усвоен и предлогот со кој приоритет за аплицирање му се дава на проектот за реконструкција на локалниот пат од крстосницата со пат кон брана Турија до центарот во с. Добрашинци.

Со Одлука на денешната седница, патничкото возило  Hyundai Elantra, сопственост на општина Василево дадено е на користење  на ЈПКД „Турија“, Василево.

На седницата позитивен одговор добија и барањата за финансиска помош поднесени до Советот од страна на физички лица.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedinmail