Градоначалникот на општина Василево, Славе Андонов, преку видео обраќање, https://www.facebook.com/reel/25566096519726419, го најави како што рече, најголемиот инвестициски циклус во општина Василево, тежок околу 150 000 000 денари.
„Општина Василево влегува во најголемиот инвестициски циклус во развој на инфраструктурата со околу 150 милиони денари за граѓаните. 2026 ќе биде година на големи проекти и на најголемиот инвестициски циклус, во историјата на Општина Василево, со инвестиции од околу 150 милиони денари, насочени директно кон граѓаните и нивните реални потреби. Ова не се проекти на хартија – ова се проекти на терен“, рече во видео обраќањето градоначалникот Андонов. Најавените проекти, од кои некои веќе стартуваа со реализација, се во сите населени места и во повеќе области, како инфраструктура, образование, култура, животна средина и уредување на јавниот простор. Како што информираше градоначалникот Андонов, станува збор за следниве проекти:
Изградба на атмосферска канализација, на главната улица во Пиперево;Изградба на фекална канализација во Градошорци; Изградба на фекална канализација во Владиевци; Изградба на последниот крак од фекална канализација во Пиперево; Асфалтирање на главната улица во Пиперево; Изградба на фекална канализација за цело населеното место Радичево; Изградба на отворен канал во Владиевци; Изградба на отворен канал во Дукатино; Асфалтирање на улица до гробиштата во Нова Маала; Набавка на нов камион за собирање на смет; Реконструкција на Домот на културата во Градошорци; Реконструкција на ООУ „Гоце Делчев“ во Василево; Чистење и санација на големата депонија во Пиперево; Партерно уредување на дворот на параклисот во Владевци; Уредување на просторот околу игралиштето во Владевци; Оградување и партерно уредување на дворот на училиштето во Ангелци.
„Со јасна визија, одговорно планирање и обезбедени средства започнуваме силна реализација на капитални проекти кои директно го подобруваат секојдневието на нашите сограѓани. Проектите се резултат на напорна работа, одговорно управување и силна соработка со Владата и релевантните институции. Некои зборуваа со години – ние денес реализираме. Како градоначалник секогаш ќе стојам зад ветеното – мојата мисија се реализирани проекти и среќни граѓани. Заедно продолжуваме. Василево ќе оди напред“, е пораката упатена од градоначалникот Андонов.