„Општина Василево преку ЦРЈИПР доби два проекти кои се финансирани со обезбедени средства од Министерството за локална самоуправа. Првиот проект е асфалтирање на улица во населеното место Пиперево и е во делот на подобрување на патната инфраструктура. Должината на улицата е околу 420 метри и истата е многу важна за ова населено место и население бидејќи води кон амбулантата и кон училиштето со што се подобруваат пристапот до здравствени и образовни услуги во ова населено место. Вториот проект е набавка на седум смарт табли кои ќе бидат користени и ќе имаат бенефит учениците и наставниците уште во текот на оваа година. Со тоа ќе се подобри начинот на одвивање на наставата во училиштата, учениците ќе имаат поголем интерес за следење на наставата, а наставниците ќе го подобрат начинот на одржување на наставата, рече во својата изјава за медиумите градоначалникот Андонов, при посетата на регионот на Министерот за локална самоуправа Златко Перински.
Посетата на Министерот беше во рамки на Промо карванот во Југоисточниот плански регион – настан за промоција на проектите кои општина Василево ги имплементира во соработка и партнерство со Центарот за развој на Југоисточниот плански регион и Министерството за локална самоуправа.
Станува збор за два проекти, Асфалтирање на улица во населеното место Пиперево кон амбулантата и поставување на седум интерактивни смарт табли во ООУ „Гоце Делчев“, Василево.
Улицата во населеното место Пиперево според податоците од техничката документација е со должина од 420 метри и ширина од околу 4,5 метри, односно 1930 м2 асфалт. Вкупниот буџет изнесува 5 009 396 денари од кои 3 423 278 се обезбедени од Министерството за локална самоуправа – Биро за регионален развој преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2025 година, и 1 586 118 денари средства од Буџетот на општина Василево.
Буџетот за седумте интерактивни смарт табли кои се поставени во ООУ „Гоце Делчев“; Василево изнесува 689 500 денари, средства обезбедени преку Бирото за регионален развој (БРР) во рамки на проектот „Дигитализација во основното образование со помош на смарт табли“.





