Градоначалникот на општина Василево Саве Андонов, преку својот ФБ профил, https://www.facebook.com/vasilevo24, најави излегување на Комисиите за процена на штета на терен во скоро време, заради како што вели да им се овозможи на земјоделците да ги обноват земјоделските површини.
„Излегуваме во пресрет на земјоделците, побргу ќе ја направиме проценката, за да се обноват површините кои што се зафатени од невремето во општина Василево“, стои во објавата на градоначалникот, каде изразува и благодарност до министерот Цветан Трипуновски кој ја посети општина Василево и Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство затоа што овозможи стручни луѓе од подрачната единица на ова Министерство да бидат вклучени во општинските Комисии за процена на штетата.
„Во посета на општина Василево беше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски. Веќе се формирани Комисии за процена на штета. Да се заблагодарам на министерството што ни овозможи со стручни луѓе од Подрачната единица да учествуваат во овие Комисии се со цел проценката да се изработи стручно.
Јавниот повик за пријавување на штета веќе тече, првичните барања веќе се пристигнати.
Комисиите ќе излезат на терен нема да го чекаат крајниот рок до 20-ти мај кога треба да заврши повикот за пријавување на штети, се со цел да направиме благовремена процена на штетата која што е причинета, затоа што се работи за раноградинарски производи“, информира градоначалникот Андонов.
Барањата се поднесуваат во просториите на општината и кон истите задолжително се приложува копија од важечки имотен лист, договор за закуп доколку површината е под закуп, лична карта и трансакциска сметка.






