Миле Митевски е новиот Претседател на Советот на општина Василево, едногласно избран на денешната Конститутивна седница, на која беа верификувани мандатите на петнаесетте избрани советници. Новоизбраниот претседател се заблагодари на довербата и изрази надеж за заедничко носење на Одлуките.
По давањето и потпишувањето на свечената изјава, мандатот им го честиташе градоначалникот на општина Василево, Славе Андонов кој во своето кратко обраќање им поска плодна работа и конструктивна соработка меѓу Советот и Градоначалникот од чии одлуки зависи развојот на општина Василево. „Почитувани советници, искрено ви честитам на изборот да бидете претставници на граѓаните на општина Василево во Советот на општина Василево. Се надевам дека ќе имаме плодна и конструктивна соработка Совет и Градоначалник. Дека заедно ќе носиме одлуки кои ќе остават траен белег во развојот и функционирањето на нашата општина, општина Василево. Функциите се минливи но делата што ќе ги оставиме зад нас остануваат. Најважно од се е да не заборавиме дека вие сте гласот на народот. Затоа продолжете да бидете во постојана комуникација со граѓаните. Да ги слушате нивните потреби и предлози. Нека одлуките што ќе ги носиме бидат во интерес на сите граѓани без разлика на нивната припадност, убедување или место на живеење.“, порача градоначалникот Андонов.
На седницата беше избрана и Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања во следниот состав. Александра Николова за претседател и членови: Томе Ѓорѓиев, Силвана Атанасова, Дарко Спасовски и Јомер Мустафов.
Конституиран Советот на О.Василево, Миле Митевски е новоизбраниот претседател
