Советот на општина Василево едногласно го донесе Буџетот за 2023 година

3

На вчера одржаната седница, Советот на општина Василево, едногласно со поддршка од сите 15 советници,  го усвои предложениот  Буџет на општина Василево за наредната 2023 година кој изнесува 181 998 000 денари. Според образложението дадено од предлагачот, градоначалникот на општина Василево Славе Андонов, идната година, граѓаните во речиси сите населени места можат да очекуваат реализација на капитални проекти. Како поголеми проекти кои ќе бидат реализирани во 2023 година година, Градоначалникот ги издвои планираните изградби на канализациони краци, повеќенаменски игралишта во Василево, Чанаклија и  Висока Маала како и реконструкција на игралиштето во  Радичево, улици во Радичево, Дукатино, Добрашинци и  партерно уредување на центарот на населеното место Нова Маала. „Поголеми проекти кои ги планираме за идната година се: Изградба на канализациони системи односно краци во населените места каде што имаме главен колектор; изградба на повеќенаменски игралишта и тоа во населените места Василево, Чанаклија и Висока Маала и реконструкција на повеќенаменското игралиште во Радичево. Имаме изградба и на улици според Програмата која што ја донесовме минатиот Совет. Како што реков имаме обезбедено средства веќе за реализација на партерно уредување на центарот во Нова Маала. Сде надеваме дека идната година ќе се реализираат од веќе обезбедените средства и улицата до црквата Св. Илија во Радичево и улицата до манастирот Св. Ѓорѓи во Дукатино. Се надеваме дека ќе ја реализираме и улицата во Добрашинци од влезот кон брана Турија кон центарот преку Светска банка во вредност од околу 16 000 000 денари. Така да мислам дека граѓаните идната година треба да очекуваат во скоро сите населени места капитални проекти“, нагласи Андонов.

Вкупниот Буџет на општина Василево, заедно со Буџетите на единките корисници (двете основни општински училишта „Гоце Делчев“, Василево  и „Атанас Нивичански“, Нова Маала и детската градинка) изнесува 181 998 000 денари, додека Основниот Буџет на општина Василево е проектиран на 76 400 000 денари за кој како што кажа градоначалникот „е направен според ситуацијата во која што се наоѓа општина Василево и рамката која што ја добиваме од Министерството за финансии“, притоа нагласувајќи дека општината има долг од околу 100 000 000 денари и  блокада над 15 000 000 денари но и дека во текот на 2022 година општината има вратено над 15 000 000 денари.

Планирано е најголемиот дел од приходите во износ од 36 565 670 денари да  се добијат преку трансфери, 21 228 500 денари од даноци, 11 780 000 денари по основ на неданочни приходи, 18 155 830 по основ на капитални приходи и остатокот од 94 268 000 денари, приходи од дотации кои всушност се средствата на единките корисници.

Во делот на расходите, кај Основниот Буџет 28 030 000 денари се за капитални расходи и 48 370 000 денари за тековно оперативни трошоци.

Советниците беа едногласни во усвојувањето на сите предлози од дневниот ред, кој по дополнувањето имаше вкупно  13 точки меѓу кои и Одлуката за извршување на Буџетот на општина Василево за 2023 година, Одлука за утврдување на вредноста на бодот на платите на административните службеници за 2023 година. Донесени беа и двата предлози од УО на ЈПКД „Турија Василево“, односно  Програмата за работа на ЈПКД „Турија“, Василево за 2023 година и  Пограмата  за субвенционирање за 2023 година. Усвоен беше и Финансиски план на ООУ„Гоце Делчев“, Василево за фискалната 2023 година. Едногласно беше усвоен и предлог-одлуката за воспоставување на меѓуопштинска соработка помеѓу општина Василево и општина Струмица, како и Одлуката за формирање на Заедничка Комисија и членовите во нејзиниот соста. Од општина Василево членови во оваа Комисија се Сања Стојанова Велкова и Георги Цонев.

Разгледана и усвоена беше и ажурираната Процена за  загрозеноста на подрачјето на општина Василево од сите ризици, а позитивен одговор добија и двете Барања за финансика поддршка поднесени од Џамискиот одбор од с. Василево и МЗ од с. Пиперево.

Завршувајќи ја Седницата градоначалникот изрази благодарност до Советниците за едногласното донесување  на Буџетот и нивните усогласени ставови и изрази надеж дека и во иднина, за доброто на сите граѓани на општината, Советниците независно од нивната партиска припадност ќе работат сложно и  конструктивно во интерес народот.5 4 3
1

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedinmail