Информација за задолжително вклучување на домаќинствата во организирано собирање на отпад

2222222222222

Градоначалникот на општина Василево, Марјан Јанев, со видео порака ги информираше граѓаните од населените места  Василево, Ангелци, Градашорци, Пиперево, Сушево и Владевци, за Одлуката на Советот на општина Василево, за задолжително вклучување на сите домаќинства од овие населени места во организираното собирање на смет од страна на ЈПКД „Турија“, Василево.

Во продолжение е интергралниот текст од обраќањето на Градоначалникот:

Сакам да ги информирам граѓаните од населените места Василево, Ангелци, Градашорци, Пиперево, Сушево и Владевци, дека од први декември оваа година ги вклучуваме во организираното собирање на  смет. Тоа  значи дека отпадот од сите домаќинства во овие населени места,  без исклучок, задолжително ќе го собира Јавното комунално претпријатие „Турија“ од Василево. Ваквата одлуката,  на предлог на УО на Комуналното претпријатие Турија ја донесе Советот  на општина Василево на својата последна седница и истата ќе се применува од  01 декември оваа година. Одлуката е донесена  врз основа на Законот за управувања со отпад со единствена  цел  чиста животна средина и справување со дивите депонии.

Домаќинствата ќе треба да го собираат отпадот во сопствени садови (канти, буриња, вреќи) и истите да ги изнесат пред своите порти или да го депонираат во контејнерите поставени од Јавното комунално претпријатие.    Цената на оваа услуга останува иста како и досега и изнесува 150 денари, а наплатата е по истекот на месецот, што значи првите сметки домаќинствата ќе ги добијат во јануари наредната година.

Домаќинствата опфатени со оваа одлука, уште во текот на овој месец   ќе можат  сметот  да го оставаат во контејнерите поставени во нивните населени места, со тоа што за оваа услуга овој месец нема да им биде наплатено.

Деновите  на подигање на сметот од страна на Комуналното претпријатие остануваат исти како и досега односно во вторник се подига сметот од  Ангелци и  Пиперево; во среда во Сушево и Владевци, во четврток во Градашорци а во петок  – во Василево.

Доколку дојде до промена во распоредот на деновите,  граѓаните ќе бидат навреме известени.

Сакам да нагласам дека Одлуката  се однесува само на овие населени места бидејќи во моментот капацитетот на Јавното комунално претпријатие, како технички така и кадровски,  е доволен само за нивно опслужување. Во многу брзо време ваква Одлука ќе биде донесена и за останатите населени места од општината.

Во тек е набавка на нов камион за собирање на смет, по што ќе следува кадровска екипираност за негово опслужување.  Со тоа  ќе се створат услови и сите домаќинства од општина Василево ќе бидат опфатени во процесит на  организираното собирање и подигање на сметот од домаќинствата.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedinmail