Новогодишна честитка од градоначалникот на општина Василево, Славе Андонов

Untitled

Градоначалникот на општина Василево, Славе Андонов по повод Нова година со видео обраќање преку својот  ФБ профил,  https://www.facebook.com/slave.andonov, на сите свои сограѓани им упати честитка со пораки за здравје, мир, радост и бериќет во наредните 365 денови. Во наредната година Ви  пожелувам да останете вредни како досега, родот да се зголеми а здравјето, радоста и бериќетот да бидат секојдневен гостин во Вашите домови.

„Нова година е празник на сплотувањето. Секоја година на 31-ви декември сите жители на планетата земја, без разлика на пол, возраст, вероисповест или боја на кожа испраќаме порака со надеж за здравје, мир, радост, и бериќет во идните 365 дена.

Почитувани жители на општина Василево, уважени мои сограѓани!

Благодарение на Вашата доверба,  како Ваш градоначалник и должник обврска ми е и официјално да Ве известам дека општината ја затекнав презадолжена и со блокирани сметки. Но и покрај тоа за краткиот изминат период  на мојата функција во Ваша служба, успеавме да решивме поголем дел од подзаборавените проблеми од моите претходници. Во населеното место Чанаклија направивме порамнување на улиците и ја исчистивме дивата депонија. Го осветливме дворот и ги пуштивме во употреба кабинетите во ООУ „Гоце Делчев“ во Василево и ООУ „Атанас Нивичански“ во Нова Маала наменети за изведување на настава по предметите биологија и хемија а делумно и за настава по физика и математика. Во населеното место Добрашинци ги асфалтиравме двете улици и со тоа решевме децениски проблем на жителите од ова населено место.  Го исчистивме отворениот канал во населеното место Пиперево со што се нормализира неговата функција и целосно е подготвен за прифаќање на атмосферските води кои природно во периодот кој следува ќе бидат во пораст.  Заврши изградбата на пристапната улица која води од влезот во населеното место до училишната зграда во Нова Маала. Со  поддршка на општина Василево и Јавното комунало претпријатие Турија во населеното место Радичево се изведуваат активности за изградба на базен во кој ќе се изведува верскиот обичај „осветување на крстот“ по повод празникот Богојавление Водици. Ја расчистивме дивата депонија во населеното место Василево која се наоѓа на излезот од селото после големото фудбалско игралиште во насока на реката. Го исчистивме отворениот канал во населеното место Градашорци од каде со механизација се отстранети околу 60 м3 наносен материјал, главно тиња, кал и вегетација. Проширена е мрежата на атмосферската канализација во населеното место Василево.  Го исчистивме и отворениот атмосферски канал во населеното место Ангелци – активноста се изведуваше на потегот кај селските гробишта во должина од околу 100-тина метри. Извршивме увид во градежните активности на патот Ново Владевци – Старо Владевци – со изведувачот се договоривме да ја интензивираат работата пред зимските врнежливи денови.  Во населеното место Седларци го исчистивме атмосферскиот канал во целосна негова должина покрај патот. Активно работиме на реализација на сите ветувања. Тоа што сме го ветиле и ќе го реализираме. Знаејќи го тоа ни ја дадовте Вашата ценета доверба. Мојата најголема цел е да не ве изневерам. Знаете дека мојата врата е отворена за сите граѓани во општина Василево и во добро и во лошо.

Во наредната година Ви пожелувам да останете вредни како досега, родот да се зголеми а радоста, здравјето и бериќетот да бидат секојдневен гостин во Вашите домови.

Среќни Новогодишни празници

Ваш градоначалник,
Славе Андонов
facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedinmail