Општина Василево ќе субвенционира набавка на инвертер клими за своите сограѓани

2

Советот на општина Василево, на својата редовна, седма, седница, едногласно го усвои Предлог-правилникот за субвенционирање на домаќинствата во општина Василево за набавка и монтажа на високоефикасни инвертер клима уреди. По тој повод градоначалникот на општина Василево, Славе Андонов детално ги информираше граѓаните за суштината на овој проект, кој како што рече е негово предизборно ветување, а почетокот на неговата реализцаија потврда дека ветувањата не се празни зборови и предизборен маркетинг туку осмислени проекти произлезени од потребите на граѓаните кои сигурно ќе се реализираат.

„На дневен ред на денешната седница е Предлог- Правилник со кој се утврдуваат начинот, постапката и критериумите за субвенционирање на домаќинствата во општина Василево за набавка и монтажа на високоефикасни инвертер клима уреди, заради поголема употреба на електричната енергија како извор на енергија и затоплување на станбениот простор  во кој живеат граѓаните. Овој проект беше ветен во мојата предизборна Програма и неговото ставање на дневен ред на денешната седница е всушност потврда дека моите ветувања пред граѓаните не се празни зборови и предизборнен маркетинг, туку осмислени проекти произлезени од потребите кои сигурно и целосно ќе бидат реализирани. Времето што доаѓа ќе ги потврди овие мои зборови.

Инаку главната цел  на овој проект е  заштита на животната средина и намалување на емисијата на штетни гасови кои се ослободуваат со користење на други извори на загревање, односно со користење на дрва, јаглен, нафта кои при согорувањето, во атмосферата испуштаат штетни гасови .

Со право на субвенционирање на трошоците за набавка и монтирање на високоефикасни инвертер клима уреди можат да се стекнат носители на домаќинства кои живеат на територијата на општина Василево, кои за затоплување на станбениот  простор во кој живеат користат тврди фосилни горива.

Субвенцијата може да се искористи за купување и монтажа на еден или повеќе високоефикасни инвертер клима уреди од трговски друштва и трговци поединци кои се регистрирани и вршат трговија, одржување и поправка на клима уреди.

За високоефикасни инвертер  клима уреди  се сметаат инвертер клима уреди со работне температура за греење од минимум -15 степени целзиусови, со енергетска класа на ладење минимум А и енергетска класа на греење минимум А и со коефициент на ефикасност SEER 5.10 и SCOP минимум 3,5.

Корисникот на субвенцијата е должен субвенционираниот клима уред да го инсталира во во местото на живеење и во наредните три години нема право да го деинсталира, како и дека нема право во споменатиот период да користи дрва, јаглен или било какви други нееколошки горива за затоплување на станбениот простор во кој е монтиран субвенционираниот клима уред.

Исто така корисникот на субвенцијата е согласен во текот на период од три години од страна на општина Василево да се вршат контроли во станбениот простор каде што е инсталиран клима уредот.

Вкупните средства планирани за субвенциите изнесуваат 800 000 денари и истите се планирани од Буџетот на општиа Василево за 2022 година, додека едно домаќинство може  да добие и искористи субвенции на максимален бруто износ од 20 000 денари, во кој износ влегуваат трошоцои за набавка и монтажа и данок на личен доход.

Распределбата на средствата за субвенционирање ќе се врши врз основа на јавен повик кој всушност е и следниот чекор од реализацијата на овој проект кој беше најавен и ветен во мојата предизборна програма.

Јавниот повик  во кој ќе биде детално објаснета целата постапка и неопходните документи,  ќе биде објавен  на огласната табла на општина Василево, на општинската официјална веб страна како и на фан страната на градоначалникот на општина Василево“, информираше градоначалникот на општина Василево Славе Андонов.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedinmail