Советот на општина Василево ја одржа 22-та седница

naslov

Вчера, Советот на општина Василево ја одржа редовната 22-ра седница, на чиј дневен ред по дополнувањето беа вкупно 12 точки меѓу кои завршната сметка на  Буџетот на општина Василево за 2022 година и Завршните сметки на општинските училишта, детската градинка и ЈПКД „Турија“, Василево.

Од вчерашната седница,  нов член во Советот на општина Василево е Таип Демиров од кандидатската листа на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“, кој доаѓа на местото на Блажо Делев од истата Партија, кој си поднесе оставка.

Образложение за Завршната сметка на Буџетот на општина Василево за 2022 година даде Габриела Ефтимова од Одделението за финансии во општина Василево, која нагласи дека Завршната сметка го покажува износот на реализираните приходи и расходи како и обврските, основните средства и опремата. „ Основниот Буџет на општина Василево за 2022 година има  извршување од 87,7 %, додека на вкупниот Буџет извршувањето е 88,24%.  Обврските за 2022 година изнесуваат 89 897 979 ден. додека основните средства за изминатата 2022 година изнесуваат 545 519 806 денари а опремата изнесува 462 661 денари.

Општина Василево  на  31.12.2022 година има салдо на основниот буџет, буџетот на дотации, буџетот на  самофинансирачки активности, и ова вкупно салдо од 264 162 денари се пренесуваат за наредната година“, рече во своето образложение Ефтимова.

Образложение за Завршната сметка на Буџетот на општина Василево даде и градоначалникот на општината, Славе Андонов: „Завршната сметка е огледало на тоа што е работено во 2022 година. Ова е една од најуспешните, ако не и најуспешна  година на општина Василево. Ова не е ниту случајно, ниту само по себе, туку со многу работа, многу труд“, рече Андонов, притоа потсетувајќи на финансиската состојба во која ја затекна општината и  долгот од како што рече 100 000 000 денари. „За мене тоа не е причина да се жалам туку предизвик со кој се соочив минатата година и ќе се соочувам. Ние денес гледаме дека имаме 89 000 000 денари обврски. Со реалокација на средстата, домаќинско работење, направивме да го намалиме долгот, да имаме реализација на капитални приходи. Значи полека но сигурно општината ја стабилизираме финансиски. Можам само да кажам дека и оваа година треба да биде слична на минатата во смисла и на реализација и на Буџет но и на капитални проекти. Сите вие тоа може да го видите изминатите денови. Почнуваме канализација во Василево со план да реализираме канализации и во други населени места“, нагласи Градоначалникот Андонов.

Усвоени беа и завршните сметки на двете основни општински училишта „Атанас Нивичански“, Нова Маала и „Гоце Делчев“, Василево,  Јавното комунално претпријатие „Турија“ и детската градинка „Прва радост“, Василево.

Советниците согласност дадоа и на Одлуката за зголемување на цената за престој на децата во детската градинка, односно  износот на партиципацијата што паѓа на товар на родителите да изнесува 2 000 денари.

Усвоен беше и Предлогот за сопствено финансиско учество на општина Василево во проектот за фекален канализационен систем за село Василево за крак К2 и К7, поднесен до Министерството за животна средина и просторно планирање, Програма за инвестирање во животната средина по Конкурсот за распределба на средства за финансирање на програми, проекти и други активности од областа на животната средина за 2023 година.

Советниците позитивно се изјаснија и во однос на поднесените Барања за финансиски средства поднесени од правни и физички лица.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedinmail