Советот на општина Василево ја одржа 36-та седница, усвоени завршните сметки на општината и институциите во нејзина надлежност

naslov-792x300

Вчера, Советот на општина Василево ја одржа редовната 36-та седница, на чиј дневен ред по дополнувањето беа вкупно шест точки, меѓу кои и Завршните  сметки за 2023 година на општина Василево, на двете основни општински училишта „Гоце Делчев“, Василево  и „Атанас Нивичански“, Нова Маала, како и Завршната сметка на ЈПКД „Турија“; Василево.

Сите точки го добија потребното мнозинство и беа изгласани од страна на Советот на општина Василево. Дискусија предизвика Завршната сметка на Комуналното претпријатие „Турија“, кое според Извештајот  за 2023 покажува загуба во работењето во износ од 918 101 денари.  Вкупните приходи на претпријатието, по сите основи во 2023 година се 20 664 376 денари, а расходите изнесуваат  21 582 477 денари. Образложение даде и градоначалникот на општина Василево Славе Андонов, кој причините за негативното салдо ги лоцираше во недостигот од работна рака, зголемување на  износот на дневниците на ангажираните работници, како и во средствата вложени во  сериозните поправки   на возилата за смет,  неопходни за нормално функционирање на Јавното комунално претпријатие. Од страна на Советниците беше посочен и проблемот со ниската цена на услугите, посебно на цената за собирање на смет, како и проблемот со големиот број граѓани-неплаќачи, кои и покрај тоа што се редовни корисници на услугите, сметките не си ги подмируваат. Без дискусија и  без расправа, со 8 гласови „за“,  усвоена беше и Завршната сметка на Буџетот на општина Василево за 2023 година. Согласно материјалите доставени до советниците од страна на Одделението за финансии, во Буџетот на општина Василево во кој спаѓаат и буџетите на единките корисници односно основните училишта и детската градинка,  од планираните 198 322 457 денари, реализирани се 171 752 686 денари. Кај основниот Буџет (Буџетот на општината без буџетите на единките корисници), од планираните 87 000 000 денари, реализирани се 71 869 453 денари.
Советниците на оваа седница ги усвоија и Предлог-програмата за измена и дополнување на Програмата за изработка на урбанистички планови во општина Василево за 2024 година и Предлог-програма за спроведување на општите мерки за заштита на населението од заразни болести и План за спроведување на дезинсекција и дератизација во 2024 година

 

 

 

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedinmail